. .

Вести

Нова железничка линија го скратува времето за испорака од Азија за 10 дена

Единствената железничка врска меѓу Енс и Копер им нуди нови можности на увозниците и извозниците • Lenzing AG веќе ја користи оваа еколошки прифатлива железничка врска што заштедува време

DB Schenker Logistics од неодамна започна да нуди уникатно решение за превоз од Горна Австрија до Јадранско Море. Иновативната железничка врска „Истра Експрес“ овозможува превоз на стоки од Енс до словенечкото пристаниште Копер за само еден ден. Ова не само што ги намалува трошоците и емисиите на јаглерод диоксид, туку и го скратува потребното време за превоз од Азија до Европа до десет дена. Возовите, што може да ги превезуваат сите видови контејнери, возат на правецот од Енс до Копер двапати неделно, со точно утврдени времиња на поаѓање во двата правци.

Новото решение нуди бројни придобивки, особено за компаниите од Горна Австрија, но и за компаниите од соседните сојузни држави Салзбург и Долна Австрија, како и за компаниите од Република Чешка. За испораката на некој контејнер од Азија до Горна Австрија вообичаено се потребни околу 40 дена доколку се користат редовните поморски линии што завршуваат во некое пристаниште на северот на Европа, по што контејнерите треба да се превезуваат со воз низ Германија. Иновативното решение на DB Schenker за железнички превоз на контејнери го скратува ова потребно време за превоз на помалку од 30 дена. Lenzing AG, глобална компанија со седиште во Горна Австрија, веќе го користи ова ефикасно железничко решение. „Новата врска на DB Schenker за железнички превоз на контејнери до Копер ни заштедува драгоцено време и, пред се, трошоци – а тоа не прави многу среќни и носи придобивки и за нашите клиенти“, изјави Ралф Хамер, Раководител за глобален транспорт во Lenzing AG.

Новото превозно решение ги намалува емисиите на CO2 за 20 тони по патување

„DB Schenker тековно е единственото друштво што нуди блок железничко решение во двата правци за контејнери на оваа железничка линија,“ изјави Александер Винтер, член на Управниот одбор на DB Schenker за Австрија и Југоисточна Европа. Тој додава: „Со оваа нова железничка врска, ние можеме да им понудиме на нашите клиенти заштеди на време од повеќе од една седмица. Покрај тоа, оваа врска ги намалува емисиите на CO2 за околу 24 проценти.“ Новата врска е поевтина од превозот преку поморската линија преку северна Европа и ги намалува емисиите на CO2 за приближно 20 тони во споредба со претходната линија до Азија, под претпоставка дека се превезуваат 40 контејнери, секој со тежина од десет тони.

DB Schenker планира да отвори и трета неделна повратна железничка линија на почетокот на 2016 година со цел да и излезе во пресрет на зголемената побарувачка за новиот железнички превоз, што веќе превезува суровини и производи од автомобилската индустријата или индустријата за електроника.

Последно ажурирање: 25.02.2016

Преглед

Кон почетокот на страната